Средба Маневски - Колстон
Со имплементацијата на реформските закони Република Македонија ќе ја оствари целта за интеграција во НАТО
 
     
 

25.01.2007

 
 

Министерот за правда Михајло Маневски денеска имаше средба со делегација на НАТО, предводена од Џон Колстон, помошник на Генералниот секретар за одбранбена политика и планирање.

На средбата министерот Маневски на членовита на делегацијата им ги претстави тековните активности на Министерството за правда, посебно задржувајќи се на важноста на реформските процеси кои се одвиваат континуирано и интензивно, се со цел создавање на правосуден систем прилагоден на европските стандарди и усогласен со европските закони. Минситерот Маневски рече дека по пакетот закони од судството што  беа претходно донесени, следи периодот на нивна имплементација. Токму затоа  Министерството за правда презема низа активности за целосно следење на имплементацијата на законите за парнична постапка, за медијација, за прекршоци, за извршување. Во Министерството се работи  и на 15 подзаконски акти, за подобра примена на веќе донесените закони,

Министерот Маневски рече дека од први јануари 2007 година започна примената на Законот за судови, со кој се предвидува основање Апелационен суд во Гостивар и Управен суд во Скопје. Тој додаде дека согласно Законот за судски совет во текот на следната недела ќе се биде избран претседател, по изборот на осумтте членови од редот на судиите.Министерот  Маневски рече дека се работи на Законот за нотаријат, а рамката од реформата на правосудниот систем ќе се затвори со уште два закони чие изготвување е во тек - Законот за јавно обвинителство и Закон за Советот за јавни обвинители.

 Министерот Маневски исто така рече дека Министерството за правда има одлична соработка со останатите министерства и со другите  државни органи, соработка со правосудните органи, постојана комуникација со дипломатските претставници во државава. Тој додаде дека за Република Македонија е особено важно да се подигне јавната свест и да се врати довербата на граѓаните во судството.

Шефот на делегацијата на НАТО, господин Џон Колстон го изрази своето задоволство од она што се презема во процесот на приближување кон НАТО и ЕУ и ја изрази својата импресионираност од она што е постигнато досега. И тој потенцира дека имплементацијата на законите е многу важна за да може да се видат резултатите во секојдневниот живот на граѓаните. Г-н КОлстон додаде дека нивната посета е дел од мониторингот на НАТО за постигнатото во Република Македонија, како основа за последниот Извештај од кој ќе зависи дали земјата ќе ја добие поканата за членство во Алијансата или не.

Шефот на делегацијата на НАТО, Колстон уште еднаш ја изрази својата поддрша на Министерството за правда, кое, како што рече, точно ги идентификувало потребните активности за да се постигнат очекуваните реформски резултати и Република Македонија да ја оствари својата цел, интеграција во НАТО и ЕУ.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk