Тркалезна маса за судската пракса со кривичните дела против честа и угледот  
     
 

04.05.2012

 
 

(МИА) - Според статистичките анализи на Министерството за правда спроведени во 2009, 2010 и првите шест месеци од 2011 година, во основните судови во Република Македонија се регистрирани 296 предмети во кои како тужители или тужени се јавуваат новинари за кривични дела „навреда“ или „клевета“.

- Од 145 завршени предмети, во девет е изречена парична казна. Во наведениот период по вкупно 114 предмети во однос на вкупниот број завршени предмети тужбата е повлечена, отфрлена, постапката е запрена или завршена со ослободување од казна или од обвинение, рече министерот за правда Блерим Беџети во обраќањето на денешната тркалезна маза за судската пракса со кривичните дела против честа и угледот.

Тој посочи дека Комисијата на Министерството за правда во чиј состав се претставници на новинари, судии, јавни обвинители и од науката, ја имаат дефинирано работната верзија на законските решенија во врска со оваа материја.

При изготвувањето на наведените законски решенија, како што рече Беџети, појдовна точка биле лоцираните слабостите, како тоа дека во одредени предмети судската практика не соодветствува со праксата на Европскиот суд за човекови права, долгото траење на постапките, превисоки изречени казни за нематеријална штета...

- Неопходно е да се уредат дефиницијата на навреда  и клевета како деликт, почитувањето на стандардите на Европскиот суд за човекови права, да се дефинираат основните начела  на слободата на изразување и информирање, законитоста, правичноста пропорционалностаи постапноста, пропишување одговорност за новинари, уредници и за сопствениците на медиумите...., истакна Беџети.

Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска рече дека денешната тркалезна маса е вовед во серијата на обуки, која ќе се одржува за судиите од кривичниот и граѓанскиот оддел во поглед на унапредувањето на знаењата и вештините на судиите за примена на стандардите од праксата на Европскиот суд за човекови права.

- Академијата изразува подготвеност за отворена соработка со сите новинари на стучен план во однос на обезбедување стручна литература и користење на електронската библиотека, со цел унапредување на знаењата на новинарите, бидејќи тие се одговорни за успешна примена на членот 10 од Европската конвенција за човекови права, истакна таа.

Арнаудовска информира дека во тек е преведување на 70 пресуди од Европскиот суд за човекови права, со што на македонските судии ќе им се овозможи да имаат директен увид во праксата на оваа институција, како и достапост до правилен превод на овие пресуди заради примена на стандардите. 

Владиниот агент за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права Костадин Богданов рече дека во Судот во Стразбур од Република Македонија како држава досега нема пристигнато тужба по член 10.

- Судот нема добиено ниту пресуда каде е констатирана повреда на правото на слободно изразување, но тоа незначи дека во иднина ќе немаме такви предмети, рече Богданов.

Претседателот на Здружението на судии, судијата на Врховниот суд Николчо Николовски изјави дека одговорноста за штета се подведува под одредбите на Законот за облигациони односи, каде точно се наведени начините на кои се определува износот за нематеријалната штета.

- Тие елементи ги пропишува Законот. Судиите не се стручни да определат која ќе биде висина на нематеријалната штета и тие тоа секојпат го изготвуваат врз основа на стручно мислење од вешто лице, кое кажува каква болка или кој е видот на штетата што најмногу  го погодило лицети што тужи..., рече Николовски.

Според претседателот на Здружението на новинари на РМ Насер Селмани, во Македонија душевната болка на политичарите е многу поголема од обичните граѓани.

- Највисоките износи за душевна болка се изречени за претседател на држава и за министер за надворешни работи. Судската пракса од Стразбур покажува поинаков пристап. Носителите на јавни функции треба да бидат поотпорни на јавна критика затоа што извршуваат јавна функција. Тие треба да бидат свесни дека кога ќе седнат во тие фотељи нивото на критика ќе биде поголемо, изјави Селмани.

Тој додаде дека ќе се работи на подигнување на нивото на имплементација на судската пракса, како и на подобрување на условите за работа со новинарите.

- По првпат во изминативе 20 години се дискутира за проблемите на новинарите и за слободата за медиумите, нагласи Селмани и додаде дека слободата на медиумите е прашање од кое зависи и интеграцијата на Македонија во ЕУ.

Декриминализацијата за послободно и поодговорно новинарство, според него, значи прв чекор во решавање на сложените проблеми во медиумите. Со високите казни нема да се постигне вистинскиот ефект. Тоа ќе се постигне ако се натераат медиумите и новинарите да ја прифатат одговорноста кон јавно изречениот збор, подвлече претседателот на ЗНМ.

Тој додаде дека во европските земји најголем дел од тужбите во врска со клеветата и навредата се отфрлаат како неосновани, што не е случај и кај нас.

- Судската пракса во Македонија покажува дека најголемата казна изречена за клевета е 32 илјади евра, рече Селмани.

Тркалезната маса за „Судската пракса во врска со кривичните дела против честа и угледот и осврт на Европскиот суд за човекови права во поглед на примената на член 10 од Европската конвенција за човекови права“, беше орагнизирана од Академијата за судии и јавни обвинители во соработка со Здружението на судии на Република Македонија, Здружението на новинари и Бирото на Владиниот агент за застапување на Македонија пред Европскиот суд за човекови права.



      СУДСКА ПРАКСА НА ПРЕСУДИ НА ЕСЧП

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk