Потпишан втор Меморандум за разбирање и соработка меѓу програмата на УСАИД за човеков и институционален развој и Министерството за правда  
     
 

02.02.2007

 
 

Министерот за правда Михајло Маневски и директорот на World Learning Патрик Кофлин денеска го потпишаа вториот Меморандум за разбирање и соработка  меѓу програмата на УСАИД за човеков и институционален развој  и Министерството за правда на Република Македонија. Како почесен сведок Меморандумот го потпиша   директорката на УСАИД, г-ѓа  Патриша Рајдер.

Министерот Маневски го изрази своето задоволство од континуираната соработка со УСАИД на многу проекти кои што значат поддршка на реформите во судството, унапредување на законската регулатива, меодернизација на судовите, зајакнување на функциите на судиите, јавните обвинители и другите претставници на судските  власти.

„Спроведувањето на активностите ќе придонесе во реализирањето на пошироката цел и остварување на основната функција на Министерството за правда – придонес кон општеството преку транспарентно, ефикасно и ефективно работење во сервис на граѓаните и исполнување на стратешките приоритети на Владата на Република Македонија“, рече министерот за правда  Михајло Маневски .

Директорот на УСАИД, Патриша Рајдер рече дека тие се многу задоволни од соработката со Министерството за правда  и од неговата определба за зајакнување на капацитетите на институциите од судството и правдата и подигање на квалитетот во работењето, се со цел подобри услуги за граѓаните на Република Македонија. Таа додаде дека УСАИД и во иднина ќе ги поддржува активностите кои ќе значат поголема транспарентност и подобар квалитет во областа на правдата и судството.

Пакетот интервенции кои ќе се спроведуваат во Министерството за правда се резултат на претходно спроведената анализа на работењето на Министерството од страна на USAID и World Learning.

Спроведувањето на интервенциите е насочено кон зајакнување на внатрешниот менаџмент и системот на работењето; подобро искористување на постоечките капацитетите; зајакнување на расположливите ресурси преку обезбедување на обуки; работилници за лидерство; развивање на јазичните и раководните вештини; подобрување на функционирањето на ИТ системот и подобрување на стратешкото и буџетското планирање.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk