Беџети: Институциите во државата ги гарантираат човековите права и слобода за сите лица  
     
 

18.05.2012

 
 

(МИА) - Институциите во државата ги гарантираат човековите права за сите лица, a доколку се констатира дека има прекршување, посебно на правата на лицата лишени од слобода, ќе бидат преземени мерки согласно законите. 

Ова го изјави министерот за правда Блерим Беџети, кој заедно со заменик министерот Билјана Бришковска-Бошковски, државниот секретар Диме Спасов и директорката на Управата за извршување на санкции Лидија Гавриловска, денеска го посетија КПУ Затвор-Битола, каде се притворени дел од осомничените за петкратното убиство кај Смиљковското езеро.

 

На средбата со новинарите, министерот Беџети истакна дека посетата е мотивирана и резултат на одредени информации во некои медиуми, како и изјавите на Народниот правобранител во врска со состојбите во КПУ Затвор-Битола.

 

- Разговаравме со директорот и надлежните служби на оваа установа и побаравме разгледување на целата ситуација, со цел да се разјаснат дилемите за тоа дали имало малтретирање или не. Доколку се констатира дека имало малтретирања, тогаш тука сме ние институциите да ја искажеме цврстата волја дека во нашиот систем не дозволуваме повреда на човековите права и слободи, дури и на притвореници и на затвореници, и согласно законите ќе преземеме мерки, истакна Беџети.

 

Министерот за правда посочи дека немале контакти со притворени или со затворени лица во битолскиот затвор, ниту пак за тоа имало некакво барање.

 

- Се сретнавме и разговаравме со директорот на затворот, а барање до мене за некаква средба со притвореници или затвореници немаше. Сомнежите за малтретирање се врзани за две лица, иако првично се сметаше за три лица, но во текот на денот директорот повторно ќе ја разгледа целата ситуација. Тука сме да покажеме дека институциите во државата ги гарантираат човековите права и слобода за сите лица. Минато е времето кога се малтретирале притворени или затворени лица во нашата држава, посочи Беџети.

 

Директорката на Управата за извршување на санкции Лидија Гавриловска истакна дека институциите на Република Македонија постапуваат при секое сознание за прекршување на човековите права, посебно на правата на лицата лишени од слобода.

- Сите засегнати страни во овој случај треба да бидат спокојни, затоа што Република Македонија е правна држава, преку процедура и правни правила ќе бидат истражени сите сознанија за евентуални прекршувања на човековите права и ќе бидат преземени соодветни мерки. Овој случај ќе биде одблиску мониториран, рече Гавриловска.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk