Министерот Маневски се сретна со украинскиот амбасадор Москаленко  
     
 

31.01.2007

 
 

Министерот за правда Михајло Маневски денеска се сретна со Неговата Екселенција Амбасадорот на Украина во Република Македонија Виталиј Москаленко.

На средбата се разговараше за текот на реформите во областа на правосудството и борбата против организираниот криминал и корупцијата во Република Македонија, како и за продлабочувањето на билатералната соработка.

Министерот Маневски се осврна на мерките кои се преземаат од страна на Министерството за правда во насока на обезбедување на независен и ефикасен судски систем и на активностите насочени кон борба против организираниот криминал и корупцијата. Конкретно, Министерот Маневски ја спомена подоготовката на новите решенија за законите за Јавното обвинителство и Советот на јавни обвинители, кои се дадени на мислење во Венецијанската Комисија на Советот на Европа. Тој додаде дека во тек е подготовката на Стратегијата за реформи во казненото законодавство и други законски решенија кои ќе доведат до значајни системски промени во насока на услогласување со стандардите на ЕУ и меѓународните конвенции во процесот на интеграција кон ЕУ.

Амбасадорот Москаленко го истакна интересот на Украина за интензивирање на соработката со Република Македонија со цел размена на искуства поврзани со процесот на приближување кон ЕУ, како и за продлабочување на правната соработка. Амбасадорот Москаленко упати покана до Министерот Маневски за посета на Украина поради реализација на наведените цели.

На средбата беше речено дека треба да се потпише Договор за меѓународната правна помош помеѓу Македонија и Украина што ќе овозможи поефикасна соработка помеѓу двете земји во оваа област.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk