На прес конференција министерот Беџети го презентираше Извештајот на ЕК за напредокот на Република Македонија за 2012  
     
 

15.10.2012

 
 

Министерот за правда Блерим Беџети рече дека Извештајот во делот  Правосудство и фундаментални права,  кој е во надлежност на Министерството за правда , е реален приказ на постигнатото во изминатиот едногодишен период, како и основа за натамошно дефинирање на идните цели и активности кон кои ќе се фокусираме во наредниот период.

Република Македонија рече Беџети продолжува да ги исполнува политичките критериуми и продолжи:

Во однос на судството, Европската комисија нотира дека е постигнат напредок по однос на независноста и непристрасноста на судството, обезбедена е  законодавна и институционалната заштита.

Нотирано е континуирано функционирање на главните судски тела за обезбедување на независност, непристрасност, одговорност и професионалност на судството.

Во делот на професионалност на судството, Европската комисија во Извештајот, нотира дека Академијата за судии и обвинители континуирано обезбедува почетна обука за идните судии и обвинители и континуирана обука за судиите и вработените во судството, канцелариите за извршување и други институции и тела.

По однос на ефикасноста на судскиот систем, Европската комисија  нотира напредок со намалување на севкупниот број на нерешени предмети во судскиот систем во целина. Значаен број на извршни предмети и неспорни случаи се пренесени од судовите како резултат на трансферот на надлежностите на професионалните нотари и извршители.

Во делот на транспарентноста на судскиот систем, Европската унија нотира дека судовите од сите инстанции континуирано ги објавуваат пресудите на своите веб-страни, што е важна алатка во промовирањето на транспарентноста и пристапот до правдата.

Во областа на Антикорупциската политика, Европската комисија нотира дека воспоставена е законска рамка, преку измени во Законот за финансирање на политичките партии и Законот за спречување на судир на интереси, со што се подобрува верификација и извршните овластувања на надлежните органи, иако се укажува на преземање на поголеми напори во поглед на спроведувањето на постојните закони. Исто така, нотирани е дека се превземени чекори за подобрување на проверката на капацитетите и извршните овластувања на властите.

По однос на фундаменталните права, Европската комисија нотира одреден напредок во областа на слободата на изразување, особено во делот на де-криминализација на клеветата. Во овој дел е истакнато дека во септември 2012 година, Владата ги усвои предлозите за новиот Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета насочени кон усогласување со релевантните принципи на ЕСЧП, како и спроведувањето на обуки за судството во врска со член 10 од Европската конвенција за човекови права и извршените преводи на клучните пресуди на Европскиот суд за човекови права.

Во Извештајот за напредокот е нотирано дека правната и институционалната рамка за човекови права е во голема мерка обезбедена, граѓанските и политичките права широко се применуваат и постигнат е понатамошен напредок.

Нотиран е напредок во однос на затворскиот систем. Реконструкцијата на затворите како и обуката на вработените во затворите продолжува континуирано. Усвоени се стандардизирани процедури за управување и проценка на ризик.

По однос на обезбедувањето на пристапот до правдата, Европската комисија нотира позитивен тренд во обезбедувањето правна помош преку советување од страна на Министерството за правда, како и обезбедување на правото на правна помош за барателите на азил.

Во делот на малолетничката правда, Европската комисија нотира дека измените и дополнувањата на Законот за малолетничка правда обезбедуваат поголеми права и подобра заштита на децата жртви и воведуваат посебни мерки за заштита на деца сведоци. Се истакнува дека е подобрено собирањето на статистичките податоци за малолетничка правда, како и формирањето  на 11 општински совети за превенција на малолетничкото престапништво.

Во делот на изборната реформа, забележано е подобрување на законската рамка за избори, следејќи ги препораките за избори на ОБСЕ / ОДИХР за 2011 година, кои предлози имаат за цел да го зајакнат Изборниот законик, особено со зголемување на транспарентноста на кампањата и финансирањето на политичките партии, како и решавање на празнини и недоречености во постојниот Закон.

Министерот Беџети на  крајот  истакна дека Министерството за правда и во иднина ќе продолжи посветено на унапредување и спроведување на приоритетите и активностите поврзани со евро-интегративните процеси, а особено имајќи ги во предвид приоритети кои се дел од Претпристапниот дијалог на високо ниво воспоставен помеѓу Европската унија и Република Македонија.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk