Министерот за правда Blerim Bexheti го отвори настанот на кој се промовираше зборникот Справување со уставни предизвици на патот кон Европската унија  
     
 

16.11.2012

 
 

Министерот за правда Blerim Bexheti денеска го отвори настанот на кој се промовираше зборникот на тема “Справување со уставни предизвици на патот кон Европската унија: Перспективи од земјите-кандидати од Југоисточна Европа“, каде што нагласи дека определбата на Република Македонија за членство во Европската Унија е единствена и недвосмислена. Подготвеноста за прифаќање и за доследно почитување на европските стандарди, свеста и динамиката со кои тоа ќе го постигнеме се  основните критериуми според кои ќе бидат оценувани нашите резултати.

Евроинтегративниот процес е главниот приоритет и стратешка определба на Владата на Република Македонија, додека преговорите со Европската унија се следниот чекор кои ќе ја доближат нашата држава до големото европско семејство.

Со стекнувањето на статус кандидат на Република Македонија, укинувањето на визниот режим и неколкуте послдователни препораки на Европската комисија и Европскиот парламент за отпочнување на предпристапни преговори со ЕУ, се реализираа неколку клучни фази во процесот на интеграција во ЕУ, кои се поддржани во континуитет како од сите политички фактори во државата така и од македонските граѓани, нагласи министерот Bexheti.

“Процесот на европската интеграција е унапреден со Пристапниот дијалог на високо ниво, воспоставен во март 2012 година, меѓу Република Македонија и Европската Комисија, со кој се даде нова динамика на реформскиот процес за пристапување во европската унија. Истовремено започната е и Техничката анализа на степенот на усогласеност на националното законодавство со Законодавството на Европската унија за поглавјата 23 Правосудство и фундаментални права и Поглавје 24 Правда и внатрешни работи, која опфаќа оценка и преглед на постојните и планирани законодавни усогласувања, имплементација на законодавството, како и институционални капацитети, за кои е обезбедена вклученост на различни институции и здруженија од областа на Судството, Антикорупциската политика и Фундаменталните права”, рече Bexheti. 

Воедно Министерот Bexheti нагласи дека договорот од Лисабон јасно ги одредува целите и вредностите на Европската унија - мир, демократија, почитување на човековите права, правда, еднаквост, владеење на правото и одржливост. Создаден за да ѝ овозможи на Европската унија инструменти со кои ќе ги реализира овие цели.

„Несомнено е дека во процесот на европска интеграција и пристапувањето во унијата по Лисабонскиот договор ќе има големо влијание на политичкиот систем и уставното уредување на државата а особено исправени пред предизвиците за реформа и усогласување на уставното уредување се со цел обезбедување на ефикасно прилагодување на земјите-кандидатки пред тие да станат полноправни членки на Унијата„, додаде Bexheti.

Исто така Bexheti нагласи дека со сигурност публикацијата ќе послужи и за промоција на евроинтеграциската - агенда и регионалната соработка како и за справување со клучните предизвици на земјите кандидатки од Југоисточна Европа.

Во таа насока тој истакна дека токму ваквата поддршка т.е проектите и програмите на разните европски фондации како што е во случајов  „Програмата за владеење на правото во Југоисточна Европа“ на Фондацијата Конрад Аденауер, ни даваат поттик и не охрабруваат во спроведување на реформите во делот на правосудството во Република Македонија, реформи кои се многу значајни за евро-атланските перспективи на нашата земја но и за подобрување на животот на нашите граѓани.

На крајот министерот Bexheti се заблагодари за можноста да го отвори настанот и воедно ги покани сите заедно, да дадеме креативен придонес во реформите пред кои сме исправени на патот кон полноправно членство во ЕУ, убеден дека од учесниците и експертите во оваа област ќе ги слушнеме новите искуства и гледишта од аспект на уставните предизвици за Македонија на патот кон Европската унија

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk