Прва седница на Меѓуресорската комисија за извршување на одлуките на Европскиот суд за човекови права  
     
 

26.11.2012

 
 

Во Министерството за правда денеска се одржува прва седница на Меѓуресорската комисија за извршување на одлуките на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП).

Комисијата е составена од функционери  кои раководат со повеќе министерства - за правда, за финансии, за внатрешни работи, за надворешни работи, за образование и наука, за труд и социјална политика, за локална самоуправа, за здравство, како и судски органи - претседател на Судски совет, на Врховниот суд, на Совет на јавни обвинители, јавниот обвинител...

- Меѓуресорската комисија е дел од укажувањата на ЕУ. Со ова потврдуваме дека Владата на Република Македонија во континуитет ги исполнува условите и посветени сме на тоа што повеќе критериуми да исполниме во нашиот пат кон ЕУ, изјави министерот за правда Блерим Беџети, кој претседаваше со Комисијата.

Тој најави дека во континуитет ќе има седници и изрази надеж оти на овој начин ќе се подобри извршувањето во Македонија.

Костадин Богданов, в.д. директор на Бирото за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур појасни дека секое физичко лице, жител на Европа и на Македонија може да поднесе апликација, без разлика дали е основана или не.

- Основани апликации за 2012 година има скоро двојно помалку во споредба со 2011 година. Годишно македонските граѓани поднесуваат околу 400-420 апликации. Тоа е просек, од кој 10-12 отсто се основани или ги поминуваат првичните критериуми на допуштеност на жалбата. Најчесто се работи за судење во разумен рок, но за предмети кои се воделе по старите законски решенија, Закон за парнична постапка, пред 2005-2006 година каде имаше можности за одолговлекување на постапката, во смисла враќање на предметот неколку пати до Основен, Апелација, Врховен итн. рече Богданов, кој истакна дека идејата на оваа Комисија е секој предмет да се разгледува заеднички. Да се дадат најразлични мислења во делот кои се најдобрите општи и поединечни мерки за секој конкретен предмет, да се преземат за да се изврши пресудата.

 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk