Состанок на Советот за реформи на правосудниот систем  
     
 

04.12.2012

 
 

Министерот за правда Блерим Беџети денеска  пред членовите на Советот за реформи на правосудниот систем во Република Македонија презентираше делови од Извештајот на Европската комисија во областа на правосудството.  

Извештајот на ЕК  во делот на правосудство и фундаментални права,  како што посочи Беџети, е реален приказ на постигнатото во изминатиот едногодишен период, како и основа за натамошно дефинирање на идните цели и активности во наредниот период.

- Република Македонија продолжува да ги исполнува политичките критериуми. Во однос на судството Европската комисија нотира дека е постигнат напредок по однос на независноста и непристрасноста на судството, обезбедена е  законодавна и институционалната заштита, истакна Беџети.

Во извештајот е нотирано континуирано функционирање на главните судски тела за обезбедување на независност, непристрасност, одговорност и професионалност на судството.

Во делот на професионалност на судството, како што истакна Беџети, Европската комисија нотира дека Академијата за судии и обвинители континуирано обезбедува почетна обука за идните судии и обвинители и континуирана обука за судиите и вработените во судството, канцелариите за извршување и други институции и тела.

Говорејќи за ефикасноста на судскиот систем, министерот посочи дека ЕК  нотира напредок со намалување на севкупниот број на нерешени предмети во судскиот систем во целина.

- По однос на фундаменталните права ЕК нотира одреден напредок во областа на слободата на изразување, особено во делот на декриминализација на клеветата. Во овој дел е истакнато дека во септември 2012 година, Владата ги усвои предлозите за новиот Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета насочени кон усогласување со релевантните принципи на ЕСЧП, како и спроведувањето на обуки за судството во врска со член 10 од Европската конвенција за човекови права и извршените преводи на клучните пресуди на Европскиот суд за човекови права, рече министерот Беџети.

Во Извештајот, како што додаде, посочено е дека правната и институционалната рамка за човекови права во голема мерка е обезбедена, а граѓанските и политичките права широко се применуваат и постигнат е понатамошен напредок.

Во делот на изборната реформа, забележано е подобрување на законската рамка за избори, следејќи ги препораките за избори на ОБСЕ / ОДИХР за 2011 година, кои предлози имаат за цел да го зајакнат Изборниот законик, особено со зголемување на транспарентноста на кампањата и финансирањето на политичките партии, како и решавање на празнини и недоречености во постојниот Закон.

Министерството за правда, како што нагласи Беџети, и во иднина ќе продолжи посветено да работи на унапредување и спроведување на приоритетите и активностите поврзани со евро-интегративните процеси, а особено имајќи ги предвид приоритети кои се дел од Претпристапниот дијалог на високо ниво воспоставен помеѓу Европската унија и Република Македонија.

Членот на Советот, професорот Владо Камбовски рече дека во Извештајот се дадени позитивни оценки за развојот на правосудниот систем од легислативен и институционален аспект, но додаде дека има и определени сугестии. Притоа, посочи на сугестијата која се однесува  на потребата за гарантирање на независноста и непристрасноста во практиката.

Според Камбовски, неопходно е да се формулира појасна реформска стратегија или акциски план, наместо поранешниот што датира од 2004 година. - Советот може да сугерира за наредната година да се планира усвојување на еден таков акциски план за 2013-2017 година, кој ќе ги опфати прашањата од снимка на состојбите, до изградување на одредени институции и до следни реформски чекори, додаде тој.

На денешниот состанок беа разгледани и точките кои се однесуваат на електронската достава, на тонското снимање, на примената на новиот Закон за кривичната постапка, како и преземените активности во областа на пенитенцијарниот систем.

На состанокот присуствуваа претставници на сите правосудни институции, професори, експерти, судии,  претставници на амбасадите на САД , ЕУ и ОБСЕ.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk