Министерот Беџети врачи повелби на тројца нотари  
     
 

24.12.2012

 
 

Министерот за правда Блерим Беџети денеска на Методија Ристоски, Махир Зибери и Ирфан Тахири им врачи повелби со кои ги именува за нотари на подрачјето на основните судови на градот Скопје.

Посакувајќи им успешна работа, Беџети им порача нотарската работа да ја извршуваат совесно, чесно и одговорно во рамките на Уставот и законите, со што ќе дадат свој придонес во зголемувањето на правната сигурност во државата.

- Со тројцата новоименувани нотари вкупниот број на нотари кои ќе ја вржат службата на териториијата на Република Македонија изнесува 178, рече министерот за правда.

Потсети дека нотаријатот како јавна служба во Република Македонија за првпат се воспостави во текот на 1996 година со донесување на Законот за вршење нотарски работи.

- Успешноста и позитивните резултати од примената и практикувањето на нотарската служба во правниот живот ја зголеми довербата во нотаријатот и даде силен импулс за продлабочување на реформскиот процес во правосудниот систем преку зголемување на надлежностите на нотарите, истакна Беџети.

Во таа насока, како што додаде, беше и донесувањето на Законот за вонпарнична постапка, со кој им се овозможи на нотарите да постапуваат како повереници на судот во однос на оставинските предмети кои не се спорни, како и измените и дополнувањата на Законот за извршување со кои што донесувањето на решенијата врз основа на веродостојни исправи се пренесе во надлежност на нотарите.

- Последниот чекор во оваа насока е доделувањето на правото и обврската нотарите, согласно Законот за задолжница да ја составуваат и заверуваат задолжницата како потврдена приватна исправа со која должникот дава согласност побарувањето на доверителот назначено во задолжницата присилно да се наплати од сите расположиви средства на должникот кај носителите на платниот промет, нагласи Беџети.

На врачувањето на повелбите на нотарите присуствуваа претседателката на Врховниот суд на Република Македонија Лидија Неделкова и претседателката на Нотарската комора Зорица Пулејкова. 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk