Министерот Блерим Беџети се обрати на основачкото Собрание на Комората на проценувачи  
     
 

29.12.2012

 
 

Министерот за правда Блерим Беџети денеска обраќајќи се  пред присутните на основачкото Собрание на Комората на проценувачи истакна дека  со Законот за процена  донесен 2010 година се изврши операционализација на Уставните начела за слобода на пазарот и претприемништвото и се востанови процената како дејност која ќе биде вршена од страна на овластени проценители, основани како трговци поединци или трговски друштва.

Во периодот на трансформација на општествениот и државниот капитал во Република Македонија  истакна Беџети оваа материја беше уредена со Законот за трансформација на општествениот капитал и подзаконските акти изготвени врз негова основа при што Агенцијата за приватизација ги спроведуваше стручните испити и  издаваше Уверение за овластен проценувач со времетраење од 5 години. 

По укинувањето на Агенцијата  за приватизација додаде Беџети , оваа материја остана нерегулирана и престана важноста на сите издадени уверенија од страна на Агенцијата за приватизација. 

Ваквата состојба  рече Беџети создаде основ процените да бидат извршувани од лица без потребно овластување, стручна обука  и утврдена методологија за работа што од своја страна доведе до нееднаков третман на правата на странките на пазарот.

Имајки ја во  предвид потребата за сеопфатно уредување на оваа материја истакна Беџети , Владата на Република Македонија оцени дека е  потребно донесување на  Законот со кој целосно ќе се уреди материјата за вршење на процена и ќе се обезбеди уставното право за утврдување на пазарната вредност на предметот на процена при експропријациите, како и при определување на вредноста на капиталот на друштвата во сите случаи кога доаѓа до промена на вредноста и структурата на капиталот, во стечајните постапки, при финансирањето и кредитирање, и сите други случаи предвидени со закон.

Заради се наведено рече Беџети  и заради обезбедување на економска стабилност на пазарот, се востанови дејноста процена.

Министерот Беџети им честита и им  посака успешна работа на проценувачите.

Со денешното  формирањето на Комората на проценувачи формално започнуваат со работа проценувачите во Република Македонија.

На денешното основачко Собрание  беа усвоени и основните акти на Комората  како што се  Деловникот за работа , Статутот  , Правилникот за дисциплинска одговорност и Програмата за работа на Комората на проценувачи.

За претседател на Комората е избрана Надица Младеновска Крцоска.

 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk