Стратегијата за информатичка и комуникациска технологија чекор напред кон стандардите на ЕУ  
     
 

12.02.2007

 
 

Министерството за правда во соработка со фондацијата Институт Отворено Општество Македонија и фондацијата Метаморфозис организираше стручна расправа за Стратегијата за информатичка и комуникациска технологија за правосудството во Република Македонија. 

          Воведно излагање на расправата имаше заменик министерот за правда, Сашо Василевски, кој рече дека за успешно спроведување на реформите во сферата на правосудството приоритет е изготвувањето на Стратегијата за информатичка и комуникациска технологија со јасно прецизирани насоки и временска динамика. Тој додаде дека донесувањето на ваков документ беше навестено уште во 2004 година во Стратегијата за реформа на правосудството. Заменик министерот за правда, Василевски потенцира дека со заокружувањето на процесот на инсталирање на информатичката технологија и софтверските апликации во правосудните органи и воспитно-поправните установи ќе се обезбеди електронско и попрецизно водење на статистиката во однос на приливот на нови предмети и за остатокот на предмети во секој орган, одделение и за секој вработен поодделно. Тоа пак ќе придонесе да се зголеми ефикасноста и ажурноста, рече заменик министерот Василевски.

Со примената на стратегијата Република Македонија ќе го подигне нивото на стандардите во правосудството и ќе се доближи до оние на ЕУ, нагласи заменик министерот за правда Василевски .

Стратегијата е чин за поздравување, бидејќи тој јасно ги определува насоките за развој и имплементација на информатичката технологија во правосудството и КПУ во Република Македонија, беше речено на расправата, на која покрај претставниците на Министерството за правда учествуваа и претставници од Врховниот суд на Република Македонија, Судскиот совет на Република Македонија, Јавното обвинителство на Република Македонија и Основното обвинителство на Скопје,  Академијата за обука на судии и јавни обвинители, Управата за извршување санкции, КПД „Идризово“ и КПУ Скопје и Штип. На расправата беа поканети ИТ компаниите во Република Македонија кои имаат искуство во воведувањето на информатичката технологија во правосудството во Република Македонија: „Мајкрософт“, Македонски телекомуникации, ОН-Нет, Семос, ПЕКСИМ,  ЕДУ-СОФТ, АРТИ-СОФТ, С&Т, како и претставниците на меѓународните донатори УСАИД,  ДПК, ЕАР и Светска банка.

Стратегијата за информатичка и комуникациска технологија за правосудството во Република Македонија ги прикажува намерите на Министерството за правда  и правосудните органи во однос на примената на ИКТ во периодот од 2007 до 2010 година. 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk