Даблин, Ирска - Министерот Беџети учествуваше на неформален состанок на Советот на министрите за правда и внатрешни работи  
     
 

21.01.2013

 
 

Министерот за правда Блерим Беџети учествуваше на неформален состанок на Советот на министрите за правда и внатрешни работи, кој во организација на ирското претседателство со Европската Унија се одржа на 17 и 18 јануари 2013 година во Даблин, Ирска.

Темите околу кои дискутираа министрите за правда и внатрешни работи од земјите членки на ЕУ, како и од земјите кандидати за членство во Унијата на вториот ден од состанокот, беа посветени на постапки во прекугранични случаи на стечај, заштита на личните податоци, заштита на основните права на граѓаните на ЕУ, можни активности за справување со говор на омраза и нетолеранција, како и борба против расизмот и антисемитизмот.

Во тој контекст, министрите беа едногласни дека е потребно ревидирање на Регулативата за постапките за стечај (EC) No. 1346/2000, преку поедноставување на формалностите со кои реципрочно се регулира признавање и извршување на пресудите во работи на прекугранични случаи на стечај, а со цел за поефикасни стечајни постапки во прекуграничните односи, кое воедно е едно од приоритетите на Ирското претседателство.

По однос на обработката на личните податоци беше постигната согласност за предвидување на таканаречено право на бришење на личните податоци, со цел да се осигура дека поединците имаат овластување да бараат бришење на нивните лични податоци, откако тие веќе не се потребни за било која легитимна цел, како и предвидување на административни санкции за физички и правни лица, во случаи на прекршување на одредбите од Регулативата, а со цел за нејзина ефикасна примена.

Во делот на работниот ручек, Министрите изразија заемна согласност и волја за промовирање на човековите права преку превземање на мерки за казнување на насилство или омраза насочена против лица кои припаѓаат на одредена раса, боја, религија, националност или етникум, како и казнување на извршувањето на таквите акти на јавно ширење или дистрибуција на плакати, слики или друг материјал.

Покрај ова, во рамки на претпладневната втора работна сесија, од страна на Директорот на Бирото за одземен имот на Република Ирска, беше одржана презентација за правната рамка која ги регулира постапките за одземање на имот, како и надлежностите на Бирото за одземен имот.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk