Министерот Беџети го посети Бирото за судски вештачења  
     
 

26.02.2013

 
 

Министерот за правда, Блерим Беџети, денеска го посети Бирото за судски вештачења кое доби меѓународен сертификат за систем за управување со квалитет согласно стандардот ИСО 9001:2008. Овој сертификат е значаен бидејќи со неговото воведување ќе се подобри квалитетот на услугите кои Бирото за судски вештачења ги испорачува на судовите, физичките и правните лица во Македонија.

„Минатата година може да се констатира како успешна за работата на Бирото за судски вештачења како по бројот на добиените предмети по барање од институциите, така и во однос на постапувањето по нив“, рече Беџети.

Директорот на Бирото за судски вештачења, Дени Ѓорчевски, рече дека во 2012 година примиле 6.053 предмети, од кои 1.210 кривични, 627 граѓански и 4.216 барања за проценки, кои во најголем дел се завршени.

„Бирото е институција која во своето 35 годишно постоење, вршејќи вештачења од организиран криминал, како и други сложено-тимски и супер вештачења го докажа своето успешно, независно и стручно  работење“, истакна Ѓорчевски.

Тој додаде дека Бирото, покрај редовно вработените лиценцирани вешти лица, соработува со голем број надворешни соработници од различни области, од кои 15 се доктори на науки, а 49 магистри, во зависност од областа за која се бара вештачењето. Директорот на Бирото рече дека се единствена институција покрај Техничкиот факултет во Битола која поседува лиценциран софтвер за вештачење на сообраќајни несреќи.

Со цел усогласување на стандардите за проценка со европските стандарди, како и унапредување на професијата проценител, Бирото за судски вештачења во ноември 2012 година стана член на Европската асоцијација на проценители ТЕГоВА. Бирото за судски вештачења во наредниот период ќе работи на добивање дозвола за вршење обука за PEB (Registered Europian  Valuer) сертификат „Признат европски проценител“.

Директорот на Бирото за судски вештачења изјави и дека во тек е и постапка за зачленување на Бирото во меѓународни организации со цел едукација, професионална соработка и хармонизација на домашните стандарди за проценка со европската и меѓународната легислатива.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk