Министерот Blerim Bexheti се обрати во ДУТ на тема „Афирмација на дејноста извршител во Република Македонија“  
     
 

28.02.2013

 
 

Министерот за правда, Blerim Bexheti, денеска учествуваше на јавна расправа на Државниот Универзитет во Тетово на тема „Афирмација на дејноста извршител во Република Македонија“. При своето обраќање, министерот истакна дека Законот за извршување веќе со години наназад е оценуван како најреформски закон со кој во целост се има променето системот на извршување на судските одлуки кои гласат на исполнување на обврски, одлуки донесени во управна постапка кои гласат на исполнување на парична обврска.

Се напушти системот на судското извршување и во вид на професија“, рече министерот, „и беше воведен институтот извршители - лица кои вршат јавни овластувања, именувани од Mинистерот за правда, за подрачјето на одреден суд, и извршуваат извршни исправи на судот или органот чие седиште е на подрачјето за кое што е именуван, а при спроведувањето на извршувањето презема дејствија на целата територија на Република Македонија.“

Bexheti посочи дека должноста извршител е самостојна дејност на лице кое врши јавни овластувања утврдени со Закон, именувано врз основа на јавен конкурс, согласно одредбите на Законот за извршување.

„Во тек се спроведува кампања за афирмација на должноста извршител која опфаќа промоција на должноста извршител по правните факултети во Република Македонија, локалните телевизиски станици, а во соработка со Комората на извршители на Република Македонија, на веб страната на Министерството за правда ќе биде изготвена и објавувана листа од извршители кои ќе примат дипломирани правници за кандидати за полагање на испит за извршители на пракса, со што кандидатите ќе бидат запознати со извршителската должност“, додаде министерот за правда.

Тој објасни и дека во насока на афирмација на дејноста извршител ќе се изврши ревизија на програмата за полагање на испитот за извршители и ќе се изврши поделба на програмата за кандидати кои имаат положено правосуден испит и кандидати кои немаат положено правосуден испит, со цел да не дојде до повторување на правната материја опфатена со правосудниот испит. Ова ќе доведе до значително растеретување на кандидатите за полагање на испит за извршители. Дополнително, ќе се разгледа и можноста за намалување на цената за полагање на испитот за извршители.

Според Bexheti, сите овие преземени активности за промоција на должноста извршител ќе доведат до зголемување на бројот на кандидати за полагање на испит за извршители, кои ќе станат потенцијални кандидати за извршители во Република Македонија.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk