Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14,196/15, 142/16 и 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седница одржана на30 март 2020 и  2 април 2020 година донесе

 
 
У Р Е Д Б А

СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА РОКОВИТЕ ВО СУДСКИТЕ ПОСТАПКИ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНАТА СОСТОЈБА И ПОСТАПУВАЊETO НА СУДОВИТЕ И ЈАВНИТЕ ОБВИНИТЕЛСТВА

(„Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 84/20 и бр. 89/20)

(консолидиран текст)
 
Член 1

Законските и преклузивните рокови за поднесување на тужба во парнична постапка, приватна тужба во кривична постапка, предлог за кривично гонење, предлог за поведување на вонпарнична постапка, поднесување на барање за присилно извршување, постапка за обезбедување на побарувањата, тужба за поведување управен спор, иницирање и поведување на друга судска постапка, престануваат да течат во моментот на стапување во сила на оваа уредба се до престанување на вонредната состојба.

Член 2

Законските и преклузивните рокови за изјавување на правни лекови, правни средства или за преземање процесни дејствија во постапките од член 1, престануваат да течат од денот на стапување во сила на оваа уредба, па се до завршување на вонредната состојба.

Во кривичните и прекршочните постапки, роковите за изјавување на жалба или приговор на одлуките со кои постапката завршува, како и за изјавување на вонредните правни лекови, престануваат да течат од денот на стапување во сила на оваа уредба, па се до завршување на вонредната состојба.

Роковите за застарување за кривично гонење, поведување и водење на прекршочна постапка, за извршување на кривичните и прекршочните санкции престануваат да течат од денот на стапување во сила на оваа уредба, па се до завршување на вонредната состојба.

Издавањето на упатните акти за изречена казна затвор до три години се одложува до 1 септември 2020 година, освен за предмети каде што постои опасност за застарување на извршување на казната.

 
Член 3

На судиите–поротници на кои мандатот им истекува за време на траење на вонредната состојба, по сила на оваа уредба, мандатот им се продолжува се до завршување на постапката по судскиот предмет.

Член 4

Доколку некој суд или негово одделение, заради преземени мерки за спречување на ширење на вирусот КОВИД-19 (изолација на судии и сл.), не може да постапува по итни предмети, Судскиот совет ќе определи да постапува друг стварно надлежен суд од ист степен.

Судскиот совет може да донесе одлука и да пропише начин за одржување на расправи и преземање на сите други дејствија на постапката со користење на електронски технички средства кои обезбедуваат двонасочна комуникација без заедничко физичко присуство на учесниците во постапката.

Член 5

Судовите во Република Северна Македонија, се должни при постапувањето, закажувањето и одржувањето на расправите да се придржуваат на одлуките на Судскиот совет на Република Северна Македонија, за постапување на судовите во Република Северна Македонија во услови на зголемена опасност од вирусот КОВИД-19.

Се задолжуваат јавните обвинители извршувањето на функцијата на јавното обвинителство да ја организираат и извршуваат согласно Задолжителните упатства на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, донесени во врска со вирусот КОВИД-19.

Член 6

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во Службен весник на Република Северна Македонија“.