ГОДИШЕН ИЗВЕШТАЈ

ЗА ПРИМЕНАТА НА

ЗАКОНОТ ЗА БЕСПЛАТНА ПРАВНА ПОМОШ

 

 

Скопје, март  2018 година

 

 

 

С О Д Р Ж И Н А

 

 

 

 

 Вовед                                                                                                             стр.      3

 

I. ЗАКОНСКА РАМКА                                                                                  5

 

- правни прашања за кои се дава бесплатна правна помош                 5

- Видови правна помош                                                                             5

- Даватели на бесплатна правна помош                                                  5

- Услови за стекнување право на бесплатна  правна помош                  5

- Постапка на остварување на правото

   на бесплатна правна помош                                                                    7

- Финансирање на бесплатна правна помош

(награда и надомест на трошоци за дадена правна помош)                    7

- Денови на бесплатен правен совет                                                           7

- Правна работа за која е одобрена бесплатна правна помош                 7

 

 

II. СТАТИСТИЧКИ  ПОДАТОЦИ                                                                     8

 

- Поднесени барања за бесплатна правна помош                                      8

- Број на донесени решенија за одобрување /одбивање

   на  барањата                                                                                               9

- Правна работа за која е одобрена бесплатна правна помош                 9

- Регистри на бесплатна правна помош                                                      9

-Обем на средства исплатени како награда

за дадена правна помош                                                                              10

- Обем на вратени средства од наплатени трошоци

   во постапката за извршување                                                                   10

 

 

ВОВЕД

 

 

             

            Законот за бесплатна правна помош ( Службен весник на Р.М, бр. 161/09, 185/11, 27/14 и 104/15 ) е донесен во декември 2009 година а со оглед да се работи за прво и релативно сложено законско решение неговата примена започна во јули 2010 година. Законот до декември 2015 година претрпе три измени, и тоа во декември 2011 година, февруари 2014 година и јуни 2015.  Со измената од 2011 година  се изврши проширување на опфатот на категориите на лица кои можат да се јават како корисници на правото на бесплатна правна помош, односно беше предвидено дека како лица баратели на бесплатна правна помош можат да се јават барателите на право на азил на територија на Република Македонија. Измените и дополнувањата од 2014 година пак одеа во насока на усогласување на Законот за бесплатна правна помош со Законот за правда за децата (Службен весник на Р.М, бр. 148/2013 ) па се предвиде дека бесплатна правна помош има и дете во ризик и дете за кое постојат основи за сомневање дека сторило дејствие што со закон е предвидено како кривично дело или прекршок во постапките на заштита на правата и интересите на детето пред Министерството за внатрешни работи и центрите за социјални работи. Воедно предвидени беа и условите кои треба да ги исполнат овие баратели за да може да го остварат правото на бесплатна правна помош како и постапката за одобрување и тарифата за исплата на награда на адвокатите за укажаната помош во овие постапки. Измената од 2015 година  е во насока да се обезбеди електронско поврзување на Министерството за правда со Агенцијата за катастар на недвижности. И покрај тоа што оваа измена е позитивна, во пракса не се применува бидејќи не се создадени сеуште услови за електронско поврзување на институциите.

Согласно на член 35 од законот, Министерството за правда изготвува Годишен извештај во кој се содржани основните информации на кои се заснова правото на бесплатна правна помош, и тоа: законската рамка, статистички податоци за бројот на поднесените барања, донесени решенија за одобрена правна помош, одбиени барања за бесплатна правна помош, видот на  правната работа за која се одобрени барањата,  давателите на бесплатна правна помош,  обемот на средства исплатени за одобрена правна помош и обемот на вратени средства од наплатени трошоци во постапката за извршување, деновите на бесплатен правен совет и споредбени статистички показатели.

Од почетокот на примената на законот па до декември 2017 година Министерството за правда има изготвено и доставено до Владата на Република Македонија 7 (Седум) извештаи, а со поднесување на овој Годишен извештај преку увидот во содржината  на податоците за периодот од 01.01.2017 година до 31.12.2017 година, се укажува на значењето што го има законот во рамки на правниот систем на државата во насока на решавање на правни прашања од интерес на граѓаните, а преку отстранување на секаква дискриминација по основа на нивната имотна состојба.

Дополнително, на 20 декември 2015 година, Министерството за правда на Република Латвија заедно со Министерството за правда на Хрватска започнаа со имплементација на проектот “Зајакнување на владеењето на правото” во Република Македонија, и една од главните цели на проектот е подобрување на системот на бесплатна правна помош. Поради тоа доделен е експерт од Република Латвија, кој заедно со претставници од министерството за правда го водат процесот на измени на Законот за бесплатна правна помош со цел подобрување на системот на бесплатната правна помош во Република Македонија.

Oд практична гледна точка, евидентно е дека сегашниот Закон за бесплатна правна помош предвидува кумулативно исполнување на доста строги услови со цел остварување на правото на бесплатна правна помош, па оттука се наметна потребата од негово разработување при што најголем акцент се стави на реалните потреби на граѓаните, правните проблеми со кои најчесто се сретнуваат, како и утврдување на можностите за олеснување на условите за стекнување со правото на бесплатна правна помош.

Поради тоа Министерството за правда пристапи кон подготовки и исготвување на нов Закон за бесплтна правна помош и беше формирана  работна група во Министерството за правда во која активно учество земаа и претставници од други органи на државната управа како што се претставници од Центар за социјална работа Скопје, Адвокатска комора на Република Македонија, Министерство за внатрешни работи, невладини организации и претставници од основните судови.

            Кон крајот на декември 2017 година, Законот беше подготвен како Нацрт Закон и е доставен во Влада во понатамошна процедура.

 

 

 

ЗАКОНСКА РАМКА

 

Со Законот за бесплатна правна помош се уредуваат правото на бесплатна правна помош, постапката во која се остварува, корисниците, условите и  начинот на неговото остварување, давателите на бесплатна правна помош, органите надлежни за одлучување, заштитата на правото на бесплатна  правна  помош, финансирањето и надзорот над неговото спроведување, организирање  на денови на бесплатен правен совет, бесплатна правна помош во прекугранични спорови, како и надзор над примената на одредбите од законот.

 

Правни прашања за кои се одобрува бесплатната правна помош

 

Бесплатна правна помош се одобрува во сите судски и управни постапки, доколку со него се решава прашање од интерес за барателот на правната помош, и тоа за права од областа на социјалното, здравственото, пензиското или инвалидското осигурување, работните односи, заштитата на  деца,  жртвите  на  семејното  насилство,  заштитата  на  жртвите  од казниви дела, заштитата на жртвите од трговија со луѓе, признавање на правото на азил и имотно-правните прашања.

 

            Видови правна помош

 

Бесплатната правна помош се остварува како  претходна правна помош и правна помош во управни и судски постапки.

 

Даватели на бесплатна правна помош

 

Согласно законот, бесплатната правна помош се остварува како претходна правна помош и правна помош во управни и судски постапки. Во давањето на претходна правна помош се вклучени подрачните одделенија на Министерството за правда и овластените здруженија.

Адвокатите даваат правна помош во судските и управните постапки.

 

Услови за стекнување право на бесплатна правна помош

 

Условите кои едно лице треба да ги исполнува за да може да му биде одобрена бесплатната правна помош се предвидени со членот 12 од Законот за бесплатна правна помош. Ставот (1) од овој член предвидува:

(1) Право на бесплатна правна помош имаат лицата од ставот 2 на овој член кои, со оглед на својата материјална положба, не би можеле да ги остварат со Устав и закон загарантираните права, без да го загрозат сопственото издржување и издржувањето на членовите на своето семејство со кои живеат во заедничко домаќинство.

 

Понатаму ставот (2) ги предвидува категориите на лица кои можат да добијат бесплатна правна помош, односно предвидува дека право на бесплатна правна помош, имаат државјаните на Република Македонија со постојано живеалиште во Република Македонија, и тоа:

·         дете во ризик,

·         дете за кое постојат основи на сомневање дека сторило дејствие што со закон е предвидено како кривично дело или прекршок,

·         лица корисници на социјална помош,

·         корисници на правото на инвалидски додаток, кои не остваруваат други приходи по основ на заработувачка или приходи од недвижности,

·         корисници на најниска пензија кои живеат во семејна заедница со две или повеќе лица издржувани од него и

·         семејства или самохран родител со едно или повеќе малолетни деца кои остваруваат право на детски додаток.

 

Ставот (3) од овој член предвидува дека покрај категориите наведени во претходниот став, односно во став (2), право на бесплатна правна помош  имаат и

·         баратели на правото на азил, внатрешно раселено лице, како и раселено или прогонето лице кое на територијата на Република Македонија има престојувалиште,

·         странски државјанин, кој во согласност со меѓународните договори, без оглед дали на територијата на Република Македонија има престојувалиште или живеалиште, остварува негово право за кое е надлежен државен орган на Република Македонија,

·         лице без државјанство, кое законски престојува во Република Македонија и

·         државјанин на земја членка на Европската унија под услови и на начин утврден со овој закон.

 

Понатаму, во членот 14 од законот, законодавецот предвидел одредба, односно ограничување кое се однесува на имотот на барателот и членовите со кои живее во заедничко домаќинство, односно, предвидел дека:

·         Бесплатна правна помош не може да се одобри доколку барателот или член на негово семејство со кој живее во исто домаќинство има имот кој достигнува или надминува пет просечни месечни бруто плати исплатени во Република Mакедонија во претходниот месец.

 

Постапка на остварување на правото на бесплатна правна помош

 

Барањето за бесплатна правна помош се поднесува лично или преку пошта во подрачните одделенија на министерството на пропишан образец кон кој се приложува и изјава за материјално - социјалната положба на подносителот на барањето и членовите на семејството со кои живее во заедничко домаќинство, како и согласност за увид во сите податоци за нивната имотна состојба.

По поднесеното барање одлучува Министерот за правда.

 

Финансирање на бесплатна правна помош (награда и надомест на трошоци за дадена правна помош)

 

Бесплатната правна помош се финансира од Буџетот на Министерството за правда.

Финансиските средства се наменети за исплата на наградата на  адвокатите  за  дадена  правна  помош во постапките пред надлежните органи, а согласно  со Тарифата  за  награди  и  надоместок  на трошоците за работа на адвокатите намалена за 30% и Тарифата за награда и надомест на трошоците за работа на адвокати за укажана правна помош на деца, намалена за 50% како и надомест на трошоците на овластеното здружение на граѓани за дадена претходна правна помош согласно со Тарифата за надоместок на трошоците за работа на здруженија на граѓани за вршење на работи на претходна правна помош.

 

Денови на бесплатен правен совет

 

Министерството за правда во соработка со Адвокатската комора, Нотарската комора, Комора на медијатори и Комора на извршители квартално организира денови на бесплатен правен совет за сите граѓани за прашања од областа на медијацијата, адвокатурата,нотаријатот и извршувањето.

 

      Правна работа за која е одобрена бесплатна правна помош

  

                Во извештајниот период забележано е постапување во предмети од семејното право, имотно – правните спорови и заштита на жртвите на семејно насилство.  Бесплатна правна помош е побарувано за  добивање адвокат кој ќе ги застапува пред суд за поведување бракоразбодна постапка, за  утврдување на татковство и сл. Исто така одобрено е бесплатна правна помош и во голем број предмети од  имотно правни работи.

 

II. СТАТИСТИЧКИ  ПОДАТОЦИ[1]

 

Поднесени барања за бесплатна правна помош

 

Во Република Македонија барањата за бесплатна правна помош може да се поднесат до подрачните одделенија на Министерството за правда. Во текот на 2017 година до подрачните одделенија биле поднесени вкупно 134 барања за остварување на правото на бесплатна правна помош.

 

Преглед по одделни Подрачни одделенија:

 

Подрачно одделение

Број на поднесени барања

1.БЕРОВО

1

2.БИТОЛА

16

3.МАКЕДОНСКИ БРОД

2

4. ВИНИЦА

1

5. ВАЛАНДОВО

1

6. ГЕВГЕЛИЈА

1

7. ГОСТИВАР

/

8. ДЕБАР

/

9. ДЕЛЧЕВО

/

10. ДЕМИР ХИСАР      

/

11. КАВАДАРЦИ

3

12. КИЧЕВО

5

13.КОЧАНИ

4

14. КРАТОВО

/

15. КРИВА ПАЛАНКА

/

16. КРУШЕВО

/

17. КУМАНОВО

13

18. НЕГОТИНО

8

19. ОХРИД

1

20. ПРИЛЕП

/

21. ПРОБИШТИП

/

22. РАДОВИШ

3

23. РЕСЕН

2

24. СВЕТИ НИКОЛЕ

/

25. СТРУГА

/

26. СТРУМИЦА

15

27. ТЕТОВО

9

28. ВЕЛЕС                    

1

29. ШТИП

4

30. КАРПОШ           /

/

31. ЦЕНТАР             /

/

32. КИСЕЛА ВОДА

10

33. ГАЗИ БАБА

6

34. ЧАИР                  

5

35. Директно во  Министерството за правда

2

 

 

Број на донесени решенија за одобрување /одбивање на  барањата

 

Во периодот од 01.01.2017 година до 31.12.2017 година донесени се 113 решенија. Бројот на одобрените барања изнесува 74, а бројот на одбиените барања изнесува 39.

 Од одобрените барања 57 се поднесени од жени, додека од мажи се поднесени 18.

Од одбиените барања 27 се поднесени од жени, додека од мажи се поднесени 13.

 Во текот на 2017 година донесени се 13 решенија за запирање на постапката.  

Воедно во 2017 година поднесени се 24 барања за бесплатна правна помош од лица баратели на право на азил, од кои за 8 е донесенo решение за запирање на постапката, додека за другите постапка е во тек.

 

Регистри на бесплатна правна помош

 

За давателите на претходна правна помош и правна помош во судски и управни постапки, Министерството за правда води регистри и истите се објавени на неговата интернет страна.

            Во Регистарот на адвокати за давање на правна помош запишани се нови 20 адвокати, по што вкупниот број на запишани адвокати за давање на правна помош до крајот на 2017 година изнесува 338.

 

 

Обемот на средства исплатени како награда за дадена правна помош

 

Од Буџетот на Министерството исплатени се вкупно  1.386.297,00 денари. на 30 адвокати и 6 овластени здруженија вклучени во постапката на давање на бесплатна правна помош.

На овластените здруженија за дадена претходна правна помош извршена е исплата на  средства во износ од 26.400,00 денари, а исплатената награда  на адвокатите за дадена правна помош изнесува 1.359.897,00 денари.

 

Обемот на вратени средства од наплатени трошоци во постапката за извршување

 

Доверител односно должник за наплата на трошоците во постапка на извршување согласно Законот за извршување е Република Македонија, односно Министерството. Барањето за извршување го поднесува Министерството. Вакви случаи во досегашната примена на законот не се појавиле.

 



[1] Статистичките податоци се однесуваат за период од 01.01.2017 – 31.12.2017 година. Збирот на донесени решенија за бесплатна правна помош во текот на една календарска година може да не одговара со бројот на вкупно поднесени барања за наведениот период. Ова од причини што во текот на 2017 година може да се одлучувало по барање доставено на крајот на 2016 година. Исто така дел од барањата кои се поднесени на крајот на 2017 година а се решени во 2018 година, не се предмет на оваа статистика. Понатаму, по едно поднесено барање за бесплатна правна помош, можат да бидат донесени повеќе од едно решение. Така доколку по одобрена бесплатна правна помош, се изменат околностите кои довеле до одобрување на истата, се носи ново решение со кое се запира користењето на одобрената бесплатна правна помош. Истото важи и за случаи кога по одобрена бесплатна правна помош адвокатот оцени дека не постојат правни факти врз кои би можела да се води постапката.