Апостил / Легализација на документи за странство

 
Апостил печатЛегализација на документи за странство

Министерството за правда врши заверка, односно легализација на документи за користење во странство. Оваа легализација на македонски документи e наменетa за употреба на лица кои патуваат во странство, со цел да се потврди валидноста на документите кои се издадени од домашните институции.
 
Постојат две постапки за легализација на документи, во зависност од тоа дали земјата е потписничка на Хашката конвенција за легализација на документи:
 
[1] Доколку документот се користи во земја која е потписничка на Хашката конвенција од 1961 година за легализација, документот се заверува со Апостил печат, кој е универзален по изглед и содржина кај сите потписнички на конвенцијата.
 
Во нашата држава, заверка на документи со Апостил печат може да се направи во Основните судови во државата на оригиналните документи - освен за заверка на Потврдите за кривична и казнена евиденција што ги издаваат Основните судови, а кои се заверуваат во Министерството за правда.
 
Во Министерството за правда, заверка со Апостил печат се врши на сите документи што се заверени на нотар (вклучувајќи и судски преводи заверени на нотар) или судија кои имаат депониран потпис во Министерството за правда.
 
Со заверувањето на документот со Апостил печат, нема потреба од дополнително заверување на документот.
 


[2] Во случај кога документот е наменет за употреба во земја која не е потписничка на Хашката конвенција, оригиналните документи најпрвин се заверуваат во судот, потоа во Министерството за правда со текстуална заверка, а на крајот во Министерството за надворешни работи, односно секој документ пред да се завери во Министерството за надворешни работи потребно е претходно да се завери во Министерството за правда.
 
Потврдите за кривична и казнена евиденција се заверуваат во Министерството за правда, а потоа и во Министерството за надворешни работи.
 
 
 
Како?
 
 
Во архивата на Министерството за правда поднесете барање кое ќе го добиете на шалтер и во прилог доставете ги документите кои сакате да ги заверите со Апостил печат или да направите текстуална заверка.
 
Лицето на кого гласат документите треба да биде лично присутно или доносителот на документите да биде овластен со полномошно заверено на нотар, фирма или адвокат во зависност од сопственикот на документите.
 
На шалтерот во Министерството за правда се врши проверка на подносените документи и се даваат инструкции за уплатата на административната такса.
 
Заверката на документите се врши во рок од најмалку еден ден.
 
 Плаќање на административна такса
 
За заверка на еден документ потребно е да извршите уплата на административна такса во износ од 100 денари, а за секој додатен примерок на почетната такса се додава уште по 50 денари за секој нареден документ. 
 
Пример: (1 документ 100денари, 2 се 150, 3 се 200 и така натаму.)
 
Плаќањето на таксата се врши за секое барање односно ако се за една особа или фирма на една уплатница
 
Плаќањето се врши на уплатници ПП50.