Презентиран Првиот национален извештај од Матрицата на индикатори за мерење на перформансите и реформите на правосудството

28.02.2019 Новости-М

Министерката за правда проф. д-р Рената Дескоска се обрати на промоцијата на Првиот национален извештај за перформансите и реформите во правосудството, која се одржа денеска во организација на Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА).

Овој извештај овозможува и прикажува оцена на перформансите и реформите во правосудството во пет клучни области: ефикасност, транспарентност и отчетност, квалитет на судската правда, независност и непристрасност, и професионален развој и соодветна застапеност.

Министерката за правда истакна дека овој документ содржи два значајни аспекта кои се фокусирани на индикаторите за мониторинг на перформансите на правосудството и судската пракса во македонскиот правен систем и дека во рамките на овој проект е дизајниран сеопфатен систем на индикатори врз основа на меѓународно признатите стандарди за судството.

-           Резултатите од овој проект овозможуваат да се оценува напредокот во областа на правосудството низ призмата на неколку фактори од кои најбитни се: квалитетот, непристрасноста, интегритетот, независноста, имунитетот и обуката. Проектот преку овој инструмент овозможува да се помогне во идното креирање политики, промени во законодавството и следењето на спроведувањето на законите, потенцираше Дескоска.

Дескоска надополни дека во презентацијата на извештајот се совпаѓа со преземањето мошни значајни чекори од страна на Министерството за правда за изменување на нашето законодавството од областите кои го тангираат правосудството.

-           Би сакала да истакнам дека сите предложени и усвоени закони во оваа област се базираат на компаративните искуства и се целосно усогласени со меѓународните стандарди. Дополнително, законите ги усогласуваме и со Венецијанската комисија. Тоа претставува основа за понатамошно јакнење на независноста на судството и особено усогласување на одредбите за одговорност на судиите со препораките на ГРЕКО и стандардите утврдени во препораките на Советот на Европа и мислењата на Консултативниот совет на Европски судии, истакна Дескоска.

Покрај ова, како што истакна министерката Дескоска, клучен приоритет претставува и зголемувањето на професионалноста, но и одговорноста на членовите на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители.

-           Наш главен предизвик во периодот кој претстои е и донесувањето на Законот за јавното обвинителство, Законот за кривичната постапка и Законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет. Клучна цел на овие закони е унапредување на состојбите во сферата на казненото право и јавно-обвинителската организација. Особено битно е прашањето на Специјалното јавно обвинителство и обезбедувањето на негова целосна автономија во рамките на јавното обвинителство, потенцираше министерката за правда.

Добрите анализи се предуслов за добри политики. Цитирајќи го професорот Питер Друкер кој истакнал дека „само она што се мери може да се унапреди“, министерката Дескоска потенцираше дека настојува конкретните решенија да бидат базирани на показатели од мерења и анализи, и дека се напушта досегашната практика на донесување одлуки без конкретни показатели.

Во таа насока, Дескоска заклучи дека презентираните наоди од денешниот извештај ќе бидат особено корисни при изготвувањето на политики за реформите во правосудството и нивното преточување во конкретни законски решенија.

Овде можете да го преземете Првиот национален извештај за перформансите и реформите во правосудството.

 

Автор
Министерство за правда
+389 (0)2 3116 - 493, +389 (0)2 3116 - 648
E-mail: cabinet@mjustice.gov.mk, publicrelation@mjustice.gov.mk
Скопје
Архива на новости