Со испитот за медијатори се проверува познавањето и разбирањето за медијацијата, се испитуваат вештините на кандидатите за медијатор, способностите за градење на добри односи, мотивирање на учесниците за процесот на медијација, начинот на реализирање на комуникацијата меѓу учесниците, регулирање на процесот на медијација и разбирање со содржината на конфликтното прашање.
Испитот за медијатор се спроведува согласно Законот за медијација (,,Службен весник на РМ“ бр.188/13, 148/15, 192/15 и 55/16), Правилникот за начинот и условите за полагање на испитот за медијатор (,,Службен весник на РМ“ бр.223/15 и 67/16) и Програмата со која се уредува содржината на Испитот за медијатори.
Испитите се спроведуваат четири пати во текот на една календарска година и тоа во мартовска, јунска, октомвриска и декемвриска испитна сесија.
Пријавувањето за испитот се врши во периодот од први до петнаесетти во месецот кој претходи на месецот кога се спроведува испитната сесија (февруари, мај, септември и ноември).
Известувањето за полагање на испитот за медијатор се објавува на веб страната на Министерството за правда.
Кандидатите за полагање на Испитот за медијатори поднесуваат пријава за полагање на испитот за медијатор со придружната документација до Одборот за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите на медијацијата преку архивата на Министерството за правда и тоа со назнака Министерство за правда – Одбор за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите на медијацијата.
Испитот за медијатори се состои од три дела и тоа:
- прв дел (теоретски дел), со кој се проверува теоретското знаење
- втор дел (студија на случај), со кој се проверува способноста за спроведување на процес на медијација во практиката и
- трет дел, во кој се оценуваат личните особини и карактеристики и практичните вештини, способности и знаења за медијација.
Првиот и вториот дел се полагаат по електронски пат.
Првиот дел од испитот содржи по 50 прашања со пет опции за заокружување од секој предмет и се полага електронски во траење од 120 минути. Точниот одговор на прашањата се бодува со 1 поен, сличните одговори со точниот одговор се бодуваат со 0 поени, неточниот одговор во мал обем се бодува со 0 поени, а неточниот одговор во голем обем со - 0,5 поени. Кандидатот го положил предметот ако освоил најмалку 35 поени.
Ако кандидатот го положи првиот дел од испитот му се овозможува полагање на вториот дел од испитот кој се состои од проучување на две студии на случај во вид на електронски студии на случај во траење од 120 минути. Секоја од студиите на случај содржи по пет прашања, при што секое од прашањата има десет можни опции на одговор. Точниот одговор се бодува со 6 поени, додека сличните одговори со точниот одговор и различните одговори се бодуваат со 0 поени. Максималниот број на освоени поени за секоја од студиите на случај поодделно изнесува 30 поени. Кандидатот го положил вториот дел од испитот ако освоил најмалку 24 поени за секоја студија на случај.
Третиот дел од испитот се полага по успешно положените први два дела на испитот во вид на интервју со лицето кандидат за стекнување со лиценца за медијатори пред комисија составена од членови на Одборот за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите на медијацијата. На ова интервју се ценат личните особини на кандидатот, карактеристики и потребните вештини и способности за медијатор за слушање на страните, да го разбере кажаното од нив и да го парафразира, сублимира и елоквентно презентира пред нив во форма што ги изразува нивните интереси. Лицето преку одреден случај (играње на улога) треба да ги демонстрира и презентира постапките и техниките на медијацијата.
Првите два дела од испитот се полагаат во испитниот центар на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, “, бул. Гоце Делчев бр.9б, Скопје, додека третиот дел од испитот се полага во Министерството за правда.
Начин на закажување
Кандидатите на кои им е одобрено барањето за полагање на испитот и јавноста за полагањето на првиот и вториот дел од испитот се информираат за датумот и времето на полагање на испитот, најмалку осум дена пред одржување на испитот преку веб страната на Министерството за правда, додека за полагањето на третиот дел од испитот кандидатите се информираат по успешното завршување со полагање на првите два дела од испитот.