Испит за извршители

Испитот за извршители се спроведува согласно Законот за извршување (,,Службен весник на РМ“ бр.72/16, 142/16 и 233/18) и Правилникот за Програмата и начинот на организирањето и полагањето на испитот за извршители и формата и содржината на уврението за положен испит за извршители (,,Службен весник на РМ“ бр.33/19 и 47/19).
Со испитот за извршители се проверува познавањето на правните прописи кои ги уредуваат:
 
1) Извршување, парнична постапка, вонпарнична постапка и нотаријат,
2) Кривично право (општ и посебен дел),
3) Стварно право и кататстар и
4) Трговско право и стечај.
 
 
Испитни сесии – Распореди на полагање
 
Испитот се спроведува четири пати во текот на една календарска година и тоа во: априлска, јунска, септемвриска и декемвриска испитна сесија.
Пријавувањето за испитот се врши во периодот од први до петнаесетти во месецот кој претходи на месецот кога се спроведува испитната сесија.
Огласот за пријавување на кандидати за полагање на испит за извршители се објавува на веб страната на Министерството за правда. 
 
Кандидатите за полагање на испит за извршители поднесуваат пријава во писмена форма за полагање на испитот со потребната документација (во оригинал или фотокопија заверена кај нотар) во архивата на Министерството за правда на ул.“Димитрије Чуповски“ бр.9, Скопје.
 
Времето и местото на одржување на испитот се објавува на веб страната на Министерството за правда.
 
 
 
Испитот за извршители се состои од два дела писмен и усмен дел. Испитот се вреднува со 130 поени, како максимален број на освоени поени, од кои што писмениот дел од испитот се вреднува со 30 поени, а усниот со 100 поени. Ако кандидатот го положи писмениот дел од испитот преминува кон полагање на усниот дел од испитот.
Со писмениот дел од испитот за извршители се проверува способноста за примена на законите во практиката. Истиот се состои од практична примена на Законот за извршување во два реални предмети. Писмениот дел од испитот се смета за положен ако кандидатот освоил најмалку 20 поени.
Усниот дел од испитот се полага пред сите членови на Комисијата. На усниот дел се поставуваат по пет прашања од секоја област и тоа:
 
1) Извршување, парнична постапка, вонпарнична постапка и нотаријат,
2) Кривично право (општ и посебен дел),
3) Стварно право и кататстар и
4) Трговско право и стечај.
 
Максималниот број на поени кој кандидатот може да го освои на усниот дел од испитот изнесува 100 поени. Секоја област која се полага носи максимално по 25 поени, од кои што секое прашање носи максимум по пет поени. За успешно положен устен дел од испитот неопходно е да се освојат најмалку 20 поени од секоја поединечна област. Се смета дека кандидатот успешно го положил усниот дел од испитот ако освоил најмалку 80 поени. Доколку кандидатот само на една област освои помалку од 20 поени, има право на поправен испит во истата испитна сесија. 
 
 
Начин на закажување
 
Кандидатите кои ги исполнуваат условите утврдени со закон и јавноста за полагањето на првиот и вториот дел од испитот се  информираат за датумот и времето на полагање на испитот, преку веб страната на Министерството за правда. Полагањето на усниот дел од испитот се закажува дополнително за кандидатите кои го положиле писмениот дел од испитот.
 
 
 Материјали
 
  • Закон за извршување (“Службен весник на РМ“ бр.72/16, 142/16 и 233/16),
  • Правилник за програмата и начинот на организирањето и полагањето на испитот за извршители и формата и содржината на уверението за положен испит за извршители (“Службен весник на РМ“ бр.33/19),
  • Правилник за изменување на Правилникот за програмата и начинот на организирањето и полагањето на испитот за извршители и формата и содржината на уверението за положен испит за извршители (“Службен весник на РМ“ бр.47/19),
 
 
Уверенија/Решенија
 
На кандидатот кој положил испит за извршители Комисијата му издава уверение за положен испит за извршители. Уверението за положен испит за извршители се издава најдоцна до 15 дена од денот на завршување на испитот.