Денеска во Стразбур во Европскиот суд за човекови права беше реализирана посета на министерот Михајло Маневски.
Посетата на министерот Маневски е прва посета на македонски министер за правда во оваа највисока судска инстанца која се грижи за заштита на човековите права и слободи за периодот на 10-годишнота обврска на Република Македонија согласно Европската конвенција за заштита на човекови права и основни слободи.
Министерот Маневски средбата ја одржа со претседателот на Европскиот суд, Жан Пол Коста, а на средбата беа присутни и Судијата Мирјана Лазарова – Трајковска, Секретарот на Судот Ерик Фриберг. Во состав на делегацијата од РМ е и Владиниот агент на РМ, Радица Лазареска – Геровска.
Претседателот на Судот го изрази своето големо задоволство од првата посета на македонскиот министер за правда на Европскиот суд и ја истакна важноста за реализација на супсидијарниот принцип на заштита на правата загарантирани со Европската Конвенција од страна на националната држава и нејзините институции.
Министерот Маневски ги презентираше преземените чекори и реформи од страна на Владата на РМ, во правец на јакнење на принципот на владеење на правото и почитување на човековите права, како и јакнење на демократските капацитети на државата.
Посебен осврт беше даден на преземените мерки во правец на забрзување на постапките пред домашните судови, со акцент на примената на Законот за парнична постапка, Законот за извршување, Законот за судови и Законот за општа управна постапка.
Претседателот на Судот г.Коста изнесе дека постои голема диспоропорција помеѓу поднесените апликации пред Судот и предметите кои го поминале филтерот на допуштеност. Само 25% од апликациите против државата стигнуваат пред судскиот совет за разгледување.
Од досега одлучуваните 62 предмети, во 40 случаи се констатирани повреди на Конвенцијата и тоа најголем процент 85% се однесува на повреда на правото за судење во разумен рок.
Претстедателот г. Коста изрази голема надеж и очекување од имплементацијата на нововостановеното правно средство за заштита на правото за судење во разумен рок. Изнесе дека Судот во Стразбур ја очекува првата одлука на Врховниот суд на РМ во кој што ќе се цени разумноста на домашните постапки.