Министерот за правда Никола Тупанчески во своето обраќање на церемонијата посветена на одбележувањето на почетокот на обуката за слушатели на осмата генерација во Академијата на судии и јавни обвинители ги повика сите учесници да дадат се од себе и со сиот свој кредибилитет да бидат позитивен пример во сферата на правосудството.
,, На слушателите им порачувам да го ценат својот избор и достојно, професионално и независно да ја извршуваат својата работа. Ве повикувам да дадете се од себе и со сиот свој кредибилитет да бидете позитивен пример во сферата на правосудството.Верувам дека новата генерација на судии и јавни обвинители ќе внесе нова енергија и ќе носи одлуки кои ќе овозможат нормално функционирање на општеството”, рече Тупанчески.
Имајќи ја предвид круцијалната улога на Академијата во процесот на спроведување на почетната обука и континуираното професионално доусовршување на судско – обвинителскиот кадар во Република Северна Македонија, Тупанчески истакна дека голема е заложбата и ангажманот на Владата и Министерството за правда во процесот на креирање на независен, непристрасен и ефикасен правосуден систем кој одговара на европските стандарди.