Државниот секретар Мухамед Точи присуствуваше на дебатата ,, Надоместок на жртви од кривични дела со насилство” организирана од БЛУПРИНТ групата за реформи во правосудството. Во своето обраќање Точи нагласи дека Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство започна да се применува од мај 2023 година. Законот е целосно усогласен со сите меѓународни инструменти во оваа област, а одредени решенија содржани во него се и над тие стандарди.
,,Клучната улога за спроведување на овој закон ја има Комисијата составена од претставници од повеќе релевантни институции, која беше формирана изминатиов период. Министерството за правда ги врши административните работи на Комисијата која е независно тело. За исклучително краток период, Комисијата ги донесе внатрешните акти за работа и наскоро ќе отпочне со постапување по доставените барања за исплата на паричен надоместок,” рече државниот секретар Мухамед Точи.
Целта на овој закон е да се обезбеди паричен надоместок на жртвите од кривични дела сторени со насилство, како помош од страна на државата, согласно со начелото на општествена солидарност и да се спречи секундарна виктимизација како дополнително страдање што жртвите можат да го претрпат од односот на надлежните органи. Заради ублажување на последиците од кривичното дело, жртвата има право на паричен надоместок, и тоа за:
- трошоци за лекување и медицински помагала,
- изгубена заработувачка,
- трошоци за погреб,
- изгубена издршка и
- солидарна помош за претрпени последици од кривичното дело