Ресоцијализација и рехабилитација со лоши услови во затворите не може да има.
Министерот за правда Игор Филков го посети затворот во Идризово по вчерашниот инцидент кој се случи во затвореното одделение Амбуланта каде беа повредени припадници на затворската полиција и затвореници.
Во разговорот со директорот на затворот, Зоран Јовановски, министерот беше информиран за настанот како и за проблемите со кои се соочува установата, пренатрупаноста, немањето соодветни просторни услови за сместување, недостигот на медицински персонал и лица задолжени за ресоцијализација. По извршениот претрес во одделението Амбуланта биле пронајдени 37 метални шипки, 21 дрвена рачка, 3 кабли, 12 штрафови, 15 ножеви, 4 штрафцигери, пластичен шприц со 2 игли, ножици, парчиња од скршено стакло и 3 полначи за мобилен телефон. При физичката пресметка предизвикана е поголема материјална штета.
Во наредниот период потребно е да се донесат конкретни мерки за подобрување на состојбите и условите во затворите.