Групата на држави против корупција на Советот на Европа - ГРЕКО, на својата 99-та пленарна седница, одржана во периодот од 17 до 19 март 2025 година во Стразбург, го усвои Адендумот кон Вториот Извештај за усогласеност за Република Северна Македонија – Петти круг, како последен извештај за Северна Македонија за Петтиот круг, со кој ја затвори постапката за усогласеност во рамките на Петтиот круг на евалуација за Северна Македонија односно го затвори овој круг.
Во овој Извештај ГРЕКО заклучи дека Северна Македонија, од вкупно 23 препораки дадени со Извештајот за евалуација (кој датира од март 2019 година) задоволително имплементираше вкупно 17 препораки. Од преостанатите препораки, 6 се оценети како делумно имплементирани а неимплементирани препораки нема.
Во однос на делот од Извештајот кој се однесува на централната власт, ГРЕКО заклучи дека: “забележани се голем број позитивни движења. Јавното објавување преку интернет на лицата поканети и присутни на седниците на владините комисии и работни групи е утврдена во новиот Деловник за работа на Владата, кој е усвоен. Донесени се и нови Насоки за пријавување и управување со примени дарови за носителите на највисоките извршни функции а Каталогот за подароци што обезбедува он-лајн детали, вклучително и за подароците кои ги добиле носителите на највисоките извршни функции, е во подготовка. Создадена е електронска база на податоци за регистрација и проверка на анкетните листови на избраните и именуваните јавни функционери и направена е анализа за оценување на процесите и практиките на Одделот за следење на имотната состојба при Државната комисија за спречување корупција (ДКСК). Сепак, резултатите од имплементацијата на препораките дадени во оваа анализа сè уште се во најава. Се поздравува напредокот постигнат со Анализата спроведена на режимот на санкции согласно Законот за спречување на корупција и судир на интереси, како и формирањето на Работната група задолжена за подготовка на нацрт-измените на овој закон, кои треба да бидат усвоени до декември 2025 година“.
Во однос на делот од Извештајот кој се однесува на органите за спроведување на законот (Министерството за внатрешни работи), ГРЕКО заклучи дека “исто така може да се забележи напредок. Беа спроведени активности во насока на зајакнување на оперативната независност на полицијата, вклучително и преку инспекциска активност и обука на службениците за новите одредби и забрани. Обезбедени се дополнителни докази во однос на функционирањето на механизмите за внатрешен и надворешен надзор на полицијата. Во оваа насока, може да се направат повеќе напори во однос на објективноста и транспарентноста на периодичните проценки, како и практичната примена на законодавството за заштита на укажувачите“.
Особено сме среќни што го затвараме овој круг доста брзо, а посебно што го затвараме побрзо и поуспешно од други доста поразвиени држави – членки на Совет на Европа.
Во моментот Република Северна Македонија нема отворен евалуациски круг на ГРЕКО а течат иницијални активности за подготовка на 6-тиот круг на евлауција, кој ќе биде на една, за нас доста битна тема, а тоа е: “Спречување на корупција на под-национално односно на локално ниво“.
Линк за преземање на Адендум кон Вториот извештај за усогласеност