Потребен е ефективен судски систем кој нема да дозволи повторување на трагедии како фемицидот.
Законите немаат вредност без спроведување, без ефикасна судска практика која ќе обезбеди правична и брза казна за сторителите. Не смееме да дозволиме жртвите од кривични дела со насилство да остануваат без заштита, а насилниците да останат неказнети!
Претставници од Министерството за правда учествуваа на јавната дебата за фемицид што ја организираше „Новинари за човекови права“. Низ институционален дијалог дефинирани се решенија за подобра заштита на жртвите и поефикасни механизми за превенција.
Информиравме дека ние сме една од првите земји кои во 2011 година ја потпиша Истанбулската конвенција. Направени се законски измени на Кривичниот законик во 2023 година кои го криминализираат родово-базираното насилство и ја воведуваат новата квалификација за фемицид, со строго предвидени и дефинирани казни.
Фемицидот е дефиниран како посебен квалификуван облик во кривичното дело „Убиство“, каде е предвидена најмалку 10 години затворска казна или доживотен затвор за тој што ќе лиши друг од живот, жена или девојче до 18 години при вршење на родово-базирано насилство.
Постигнат е напредок и со носењето на Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство. Во октомври 2024 година ја отворивме канцеларијата на Комисијата за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство, која успешно функционира и ги процесуира постапките.