Во Министерството за правда беше одржан состанок со Венецијанската комисија на Советот на Европа во врска со нацрт-законите за Јавното обвинителство и за Советот на јавни обвинители – два клучни закони кои се темел на понатамошната реформа на правосудниот систем.
Во Скопје се сретнаа експертите од Венецијанската комисија – Ms Nina Betteto (Словенија), Mr Thomas Rørdam (Данска), Ms Laura Vaik (Естонија) и Ms Tania van Dijk (Секретаријат на Комисијата) – со претставници на Министерството за правда: проф. д-р Александра Деаноска Трендафилова, претседател на работната група, Славица Жерајиќ, раководител на одделение во Секторот за правосудство, Леона Кичеец, советник во Кабинетот на Министерот за правда и Кристина Петровска Веселинова, секретар на работната група.
Состанокот беше со цел консултации во рамки на подготовката на мислење на Венецијанската комисија. Овие консултации се дел од пошироката реформска агенда со која Северна Македонија ги имплементира европските стандарди, го зајакнува јавното обвинителство, како и довербата на јавноста во правосудниот систем.
Мислењето на Венецијанската комисија ќе биде усвоено на пленарната сесија во октомври во Венеција и претставува клучен чекор во насока на европската интеграција, транспарентноста и професионализацијата на обвинителството.